Зимата е идеално време за топол напиток во удобна домашна атмосфера. Топлото чоколадо никогаш не е здодевно, има толку многу различни и интересни рецепти за подготовка. Ние за денес одбравме да ви претставиме како да си направите неодоливо топло чоколадо со вкус на карамела.
Ова се потребните состојки за две шолји:
- 500 ml млеко
- 2 лажици какао
- 150 gr црно чоколадо
- 1 стапче цимет
- 150 ml слатка павлака
- виски (по желба)
За карамелата:
- 35 gr шеќер
- 25 ml слатка павлака
- 1 лажица путер
За подготовка на карамелата, во сад ставете го шеќерот да се топи на висока температура. Откако ќе се стопи, намалете ја температурата и оставете шеќерот да поприми кафеава боја. Тргнете го садот од оган и додајте ги слатката павлака и путерот, па вратете го садот кратко на оган, а потоа оставете да се олади.
Изматете 150 ml слатка павлака за да се добие шлаг. Во сад ставете ги млекото и какаото, убаво измешајте, па додајте го чоколадото искршено на коцки и стапчето цимет. Нека се готви на тивок оган додека да се растопи чоколадото. Извадете го стапчето цимет, ставете од топлото чоколадо во шолја, додајте ја изматената слатка павлака и карамелата и украсете по ваша желба и уживајте во убаво поминатото време.