По три дена и дванаесет модни ревии во „Скопје Мериот хотел“ есенското издание на Моден викенд Скопје го затворија креаците на дизајнерката Ирина Тошева.
Доследна на препознатливиот стилски израз, но и на изненадувањата кои редовно ги испорачува со секоја следна колекција, модната приказна на младата, но етаблирана дизајнерка на домашната сцена, овојпат е инспирирана од словенскиот фолклор и жар-птицата како мотив.
Ирина Тошева, чијашто десетта јубилејна ревија на Моден викенд Скопје ја поддржа „Avicena“, за својата колекција ќе рече:
„Еден нејзин пердув може да осветли и спаси цел град. Таа е благослов, но може да донесе и несреќа на оној кој ќе ја фати. Жар-птицата живее во приказните од словенскиот фолклор, а нејзината потрага е пресликана во новите креации.“
Колекцијата на Тошева за сезоната есен/зима претставува визуелна игра со бои и интересни дезени, интригирајќи со деликатниот микс на оптимизам и носталгија, што го побуди нејзиното премиерно претставување пред скопската публика. Впечатливите принтови и урбаната нота остануваат нејзин заштитен знак, а во најновата колекција спакувани се во 10-те креации со модерни и женствени кроеви, младешка естетика и енергичен колорит.
Од модната писта до градските улици, моднaтa визија на македонската дизајнерка Тошева е да внесе боја и ведрина во гардеробата за студените месеци, а со парчињата облека кои се носливи, пријатни и лесни за комбинирање – идеални за атрактивен и автентичен изглед во текот на денот, но и за кокетни и шик комбинации за ноќните излегувања.
Во очекување на промотивниот каталог, кој дизајнерката и нејзиниот креативен тим традиционално го подготвуваат за секоја нова колекција, ви ги претставуваме фотографиите од ревиската презентација на моделите во рамки на 14.Моден викенд Скопје.