Џејкоб Бенкс е млад пејач и композитор, роден во 1992-та во Бирмингем. Иако кариерата ја започнува пред неколку години, се смета за релативно ново име на светската музичка сцена. Во јануари 2013 го издава првиот албум со наслов “The Monologue”, а во истата година ја придружува Емели Санде на нејзината турнеја низ Велика Британија. При крајот на годината ја снима песната “Worthy” со која се пробива на сцената и која станува популарна во светски рамки откако е пуштена во една епизода на американската серија Suits. Две години подоцна, го издава вториот албум- “The Paradox”.
Музиката на Бенкс е спој на аренби, соул и хип-хоп. Во песните е присутно влијанието на афро-американската култура, што особено се чувствува во неговата класична соул изведба. Текстовите на песните се емотивни и поврзани со настани од неговиот живот. Според многумина, овој талентиран млад уметник и квалитетен изведувач го чека голем успех и светла иднина во светот на музиката.