Ве водиме во ентериер со површина од 30 метри квадратни, чие уредување го потпишува дизајнерката Kristina Rogacheva. Сопственичката на станот е млада деловна жена со активен животен стил, која сакала нејзиниот дом да биде оаза за одмор и уживање. Секое катче од ентериерот е внимателно испланирано и дизајнирано, се’ со цел максимално да се искористи скромната расположлива квадратура. Просторот е уреден во доминантен бел тон, а во комбинација со дрво и црвената боја, која преку акцентните детали се провлекува низ целиот амбиент. На самиот влез е сместен мал и функционален ходник, од каде е обезбеден и пристап до бањата. Остатокот од станот е конципиран како голема просторија, чиј распоред го сочинуваат кујна и дневна плус спална соба, а организирани се на начин на кој секоја од нив, во зависност од потребите, да може непречено да се користи. Во продолжение, погледнете ги фотографиите од овој преубаво уреден ентериер и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.