Во последниве години многумина сè повеќе одбираат природна козметика во однос на онаа купена од продавниците и аптеките. Тоа е така бидејќи многу состојки кои се користат во козметичката индустрија се докажа дека прават повеќе штета на кожата отколку што прават добро. Затоа, наш совет е да се свртите кон природата и да се обидете со малку труд да си направите сами крем или пилинг соодветен на вашиот тип на кожа. Еве неколку предлози.
Сода бикарбона
Постојат многу практични примени на сода бикарбоната, а една од нив е како состојка за пилинг. Измијте го лицето со топла вода и со кружни движења масирајте го со малку сода бикарбона. На крај исплакнете. Ова е проверен рецепт за секој тип кожа.
Шеќер
Шеќерот е одличен за нега на лицето и телото. Лесната растворливост на шеќерот го прави одличен за пилинг. Во неколку лажички шеќер додадете малку кокосово или маслиново масло, а може и малку лимонов сок. Измијте го лицето со топла вода, па нанесете од смесата и масирајте со кружни движења. Исплакнете. Кожата ќе ви биде мека и сјајна.
Талог од кафе
Веќе е познато дека талогот од кафе е одличен во борбата против целулитот. Со малку маслиново масло или есенцијално масло од лаванда или лимон, имате смеса која ги уништува мртвите клетки од телото и ја негува кожата.
Мед и јагоди
Органскиот мед има безброј лековити ензими во својот состав, а семките од јагодите ја подмладуваат кожата. Измешајте малку мед со неколку ситно исечкани јагоди и нанесете ја смесата на лицето да стои 10-15 минути, па исплакнете.
Овесна каша
За овесната каша велат дека ја смирува чувствителната кожа. Само измешајте ја со малку топла вода и нанесете ја како пилинг на лицето и вратот. Исплакнете и исушете со крпа.