Ведрата природа на Глигор Кузмановски се одразува во неговите креации, а мекоста на материјалот (дрвото) што најчесто го користи му овозможува со леснотија и без ограничување да ги обликува своите идеи пробивајќи ги границите на вообичаената перцепција на накитот. Неговите вешти раце дрвото го претвораат во мали уметнички дела на кои, изработувајќи ги со голема љубов, досетливост и со исклучителна минуциозност, им вдахнува душа. Секое парче дрво се преобразува во уникатен накит кој добива живот и започнува да раскажува своја приказна. Со делкање, врежување, перфорирање, полирање, боење, често и со додавање на друг вид материјали, тој создава мали носливи скулптурални дела, а една од неговите претходни серии накит во вид на куќи наликува на минијатурен имагинарен град. Инспирацијата ја црпи од своето опкружување, од природата, пријателите, љубовта, но и од уметноста, особено имајќи предвид дека тој по образование е историчар на уметност.
Обетките, прстените, ѓерданите, брошевите и друг вид накит, најчесто се минијатурна транспозиција на секојдневни предмети кои добиваат сосема ново значење. Во нив секој може да пронајде дел од себе, но да им придодаде и други значења, поинаква интерпретација и да ги дополни со свои интимни приказни. Со новиот концепт авторот ни разоткрива една поинаква душевна состојба, подлабоки размисли и нè внесува во сосема нова приказна во која провејува и мала доза на меланхолија. Овие дела покажуваат поголема сериозност и зрелост, како во осмислата, така и во изведбата, наспроти игривоста присутна во неговите претходни остварувања. Со алтернација на минималистичките облици, монохромноста и инкорпорирањето на металот, кожата, врвките (читај, „каблите“), тој успешно го доловува мрачниот и ладен амбиент на фабриките.
Од друга страна, пак, на нив им се спротивставува со меките облици и топлината на дрвото, постигнувајќи префинета рамнотежа помеѓу материјалите и формите. Во самиот назив на изложбата „Човек, фабрика, помеѓу“ се насетува неговото гледиште на современото општество, како реакција против масовната продукција, конзумеризмот и рутинираноста. Истовремено, тој го изразува отпорот човекот да се претвори во машина, трагајќи и изнаоѓајќи го тоа што е помеѓу. А што е помеѓу? Оставаме тоа да го откриете на изложбата која ја проширува и менува дефиницијата за накитот и каде вљубениците во вакви дела, меѓу кои сум и јас, ќе имаат можност да ја дополнат својата колекција со нови парчиња убавина.
Текст Јехона СПАХИУ Линк до сите фотографии тука