Визуелизацијата на двата ентериери кои ви ги прикажуваме во продолжение е дело на дизајнерката Angelina Alexeeva. Станува збор за два примери за уредување на машки и женски животен простор, каде преовладуваат минимализмот и неутралната палета на бои.
1. Машки стан
Иако при помислата на машки стан, првото нешто што паѓа на ум е ноншалантно уреден простор со многу расфрлани детали, во овој случај дизајнерката проектирала еден особено софистициран ентериер. Акцентот е ставен на чистите линии и модерните парчиња мебел, а кога се боите во прашање, како доминантни се издвојуваат сивата, белата и црната. Целокупниот амбиент е надополнет со внимателна селекција на индустриски детали, што на дизајнот му дава сосема поинаква димензија. Вешто затскриениот простор за складирање обезбедува доволно место за таа намена, а истовремено ентериерот е убаво организиран.
2. Женски стан
Вториот ентериер е изразено женствен, а уреден е подеднакво модерно како и првиот пример, применувајќи ја природната палета на бои. Во овој случај, одбрани се нешто потопли тонови и детали, како што се дезенираните ткаенини. Отворениот простор изобилува со природна дневна светлина, а станот може да се пофали и со одлична организација. Не изостануваат ниту добриот вкус и стил, па стаклените и порцеланските детали се совршено вклопени со дрвените акценти и парчиња мебел. Минималистичката приказна продолжува и во останатите простории од станот, а особено во бањата, каде е создаден вистински спа амбиент за опуштање на сетилата.