Популарните балетанки оваа сезона добија сериозна конкуренција во еспадрилите, достапни во разни бои и дезени. Еспадрилите се удобни и лесни обувки, направени се од меко платно, кожа или тексас материјал, а заштитен знак им е препознатливиот плетен ѓон. Горниот дел на обувката, како и висината на ѓонот широко варира. Генерално сметани за летни обувки, еспадрилите додаваат допир на кежуал елеганција на речиси секој аутфит и било која облека.
Еспадрилите се изработуваат на Пиринејскиот Полуостров и Каталонија уште од 14-от век, во најмала рака. Најстарата, најпримитивна форма на еспадрили, пак, датира од многу поодамна, уште пред 4000 години. Популарноста на овие практични и носливи обувки кулминира во 90-тите години на минатиот век. Денес ги носат подеднакво мажи и жени, а покрај традиционалните модели од платно, познатите брендови за чевли нудат и свои персонализирани верзии на модниот пазар.
Изборот на бои и дезени е голем – од едноставни еспадрили во бела, црна, црвена, сина и беж боја, преку златни тонови и земјени нијанси, па се’ до оние со шарени дезени и украси. Најпопуларни се еспадрилите со пругаст дезен, а речиси сите модели совршено се вклопуваат со секаков вид на облека.
Како да ги носите еспадрилите? Пред се’, овие обувки се непогрешлив избор, а одлично прилегаат со сукњи и лелеави фустани, фармерки, панталони и шорцеви. Платнените еспадрили со едноставен крој можете да ги носите во дневна варијанта, а оние кои се украсени со штрас и циркони и за вечерни прилики. Во продолжение, ви претставуваме неколку стилски предлози за таа намена. Инспирирајте се и вешто комбинирајте!