Со одличниот распоред, свежината која ја наметнува сината боја, како и елеганцијата и топлината со која го облагородуваат мебелот и деталите од природно дрво, овој прекрасен ентериер едноставно зрачи со убавина и позитивна енергија. Станува збор за станбен простор со површина од 70 метри квадратни, а се наоѓа во Барселона, Шпанија. Инспирирани од топлото и сончево време, дизајнерите се одлучиле за летна тема во просторот, одбирајќи од палетата летни и светли тонови, што внесува ведрина и комфор во секое катче. Проектот се базира на интегрирање на просториите, примеси на нордискиот стил, а со свежи, актуелни и лежерни ноти кои совршено се слеваат во една хармонична целина. Во ентериерот продира големо количество на природна светлина, благодарение на големите прозорци, а циркулира непречено низ целиот стан. Присуството на сината боја, пак, застапена преку аксесоарите и текстилот, му дава смирено и медитеранско чувство на амбиентот. Во комбинација е со шемата бели, сиви и меки земјени тонови. Дневниот престој, кујната и трпезаријата се обединети во отворен план и ја сочинуваат зоната за социјализација, а покрај неа, станот поседува и зона за работа и за одмор и релаксација. Во продолжение, погледнете како изгледа овој ентериер во летни бои, и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.