Нашите верни пријатели обожуваат да се надвор. Најголемото задоволство за едно куче е заминувањето на прошетка: уживаат во секој миг, силно се забавуваат и за нив природата е чудо и чиста среќа. Но, дали истиот став го делат и луѓето? Дознајте како изгледа светот низ кучешка перспектива и размислете.
,,Човек и куче’’ (,,Man and Dog”) е приказна од секојдневието, во која главни протагонисти се еден среќен и хиперактивен пес, наспроти неговиот летаргичен и намќорест сопственик. На сив и дождлив ден, песот успева да го одвлечка од станот до локалниот парк, а ние да видиме две перспективи на прошетката: онаа на кучето, кое го доживува светот со сите свои сетила, но и онаа на сопственикот, со матни очи и потреба од будење. Сепак, со мала помош од неговиот најдобар пријател и шише Кока-Кола, човекот открива дека промена на перспективата може да направи голема разлика во светот.
Видеото со времетраење од една минута е најновата анимирана реклама на брендот Кока-Кола. Користејќи рачно нацртана 2D анимација, рекламата успева да побуди емоции и визуелно искуство кои тешко би се постигнале со компјутерска анимација. Режисери на анимацијата се Todd Mueller и Kylie Matulick за Psyop, а кампањата е во продукција на Duncan Studio од режисерот Ken Duncan. Музичката тема е песната ,,Joy Joy Joy” на Bob Gibson, а пораката на рекламата е: Отворете среќа! Погледнете.