Само затоа што живеете во стан, а не куќа, не значи дека треба да се откажете од идејата за дом кој е во допир со природата. Ништо не е невозможно, па дури ни тоа вистинска мини градина со билки да се смести и во ентериерот на домот. Најдобар пример е внатрешниот дизајн на овој прекрасен италијански стан, кој е модерен и софистициран, а сепак умешно ги внесува природните елементи во амбиентот. Станот е со површина од 100 метри квадратни, се наоѓа во строгиот центар на Рим, а дело е на вештиот тим дизајнери од студиото Brain Factory – Architecture & Design. Покрај тоа што преубаво изгледаат, зелените површини во просторот имаат и полезна улога – дел од нив се ароматични билки кои се користат во кујната, а другите имаат декоративна намена, придонесувајќи за релаксирано чувство во ентериерот. Просторот околу средишниот столб во дневниот престој е дизајниран со трева и интересно осветлување, што создава спектакуларен монолитен облик. Кујната е уште едно место во кое владее задоволството на сетилата, а може да се пронајдат зачини како што се: босилек и чили, насадени веднаш под прозорецот. И бањите можат да се пофалат со неверојатно смирена и опуштена атмосфера, повеќе наликувајќи на спа, отколку на купатило во станбен објект. Одлична идеја, зар не? Прошетајте низ собите на овој современо уреден дом и инспирирајте се.