Ве водиме во внатрешноста на еден прекрасен дом, кој е многу креативно организиран и го привлекува вниманието со оригиналниот дизајн. Станува збор за впечатлив шведски дуплекс чие внатрешно уредување ги има сите белези на скандинавскиот стил, но и мноштво уникатни елементи. Доминантната бела боја е во комбинација со шарените ориентални килими и изложените дрвени греди, правејќи го просторот шармантен и пријатен. Иако е со површина од 123 метри квадратни, ентериерот изгледа многу помал, најмногу поради неговиот необичен распоред на четири различни висини. На првото ниво е сместена пространа дневна соба, на второто се кујната и трпезаријата, додека на останатите две нивоа се распоредени спалните соби и бањата. Не изостанува комфорот и функционалноста, а уште од влезот дочекува со топла и гостопримлива атмосфера. Деталите се разновидни и колоритни, кокетирајќи со ретрото и винтиџ естетиката. Уживајте во разгледувањето на овој преубав животен амбиент и инспирирајте се!