Само затоа што двособен стан звучи како мал простор, тоа не значи дека не може да биде вистински дом од соништата. Ви претставуваме дом со релативно мала површина кој е пример дека скромните димензии не се никаква пречка за постигнување елегантен, софистициран и луксузен амбиент во ентериерот. Станува збор за ремек-дело од областа на внатрешниот дизајн, зад чиј план и уредување се потпишува студиото ,,SVOYA”, сочинето од многу млада, но исклучително талентирана група на архитекти од Украина. Првото нешто кое е воочливо при влегувањето во станот е едноставниот, минималистички ходник со црн орман, две лампи и голема урбана фотографија на ѕидот. Со ваквиот потег е постигната пријатна атмосфера, особено навечер, а нагласено е и дека во домот живеат млади луѓе. Една од главните карактеристики на станот е отворениот простор кој ги поврзува речиси сите соби во една убава целина.
Модерниот дневен престој е средиштето на апартманот, со прекрасен поглед на надворешноста и голема количина на природна светлина која продира во внатрешноста. Распоредот на станот е интересен, а сите соби се доволно пространи и воздушести. Кујнскиот остров го издвојува катчето за готвење од ходникот, а пак дневната соба располага со бар кој е позициониран паралелно со островот. На тој начин е создадена мала зона помеѓу кујната и дневниот престој, па остануваат одвоени, иако се поврзани. Најимпресивниот дел е спалната соба, чиј дизајн се базира на темните нијанси, односно на деликатна комбинација на темно кафените тонови и белата боја. Луксузната бања е издвоена од спалната со темна завеса од подот до плафонот, и претставува уште една креативна идеја која можете да ја сретнете во овој ентериер. Инспирирајте се!