Во дизајнот, како и во животот, поголемо не секогаш значи и поубаво. Доколку сте љубители на едноставноста, а сакате да го извлечете максимумот од својот животен простор, тогаш малите станови се вистинскиот правец во кој треба да се движите. Додека за одредени луѓе е предизвик и тешка задача да го организираат домот со малку квадрати, за други токму ограничената површина е поттик да бидат што покреативни, претворајќи го своето мини гнездо во мала, но удобна оаза за живеење. Најважни компоненти се креативноста и добриот план, а спротивно од убедувањата, можете да останете доследни на својот вкус при изборот на стилот за ентериерот, отфрлајќи го минимализмот како единствена опција. За таа намена, ви прикажуваме три инспиративни домови со скромна квадратура (од 39 метри квадратни до 56 метри квадратни) и одлични дизајнерски решенија на архитектот Stanislav Kaminskyi. Секој од нив нуди интересни предлози за уредување на ентериерот, со многу индивидуалност, како и тајни за вешт баланс помеѓу убавиот изглед и функционалноста во просторот. Од најмалиот до најголемиот, разгледајте ги становите во продолжение, и откријте како малите димензии можете да ги искористите во ваша полза. За повеќе идеи, погледнете ги и првиот дел, вториот дел, третиот дел, четвртиот дел и петтиот дел од серијата објави посветени на мали и убави станови.