Архитектите од руското дизајнерско студио ,,Mango” смислиле креативен животен простор за млада двојка која планира проширување на семејството. Нагласени се деталите кои го отсликуваат вкусот на сопствениците, но и вешто е прилагоден домот на нивните нови потреби, усогласувајќи го нивниот личен стил со предизвиците на иднината. На тој начин, овој отворен и воздушест ентериер од 53,5 метри квадратни, со минимални промени прераснува во вистинско мало семејно гнездо. Располага со удобен и весел дневен престој, кујна и трпезарија, мини канцеларија, како и лежерна спална соба со пријатна бања. Светлите бели, беж и кремасти нијанси ја сочинуваат основата во амбиентот, додека акцентните детали во боја кокетираат со поведрите тонови, како што се виолетовата, жолтатата, портокаловата и розовата. Придонесуваат за динамиката и игривоста во станот, давајќи му урбана естетика и модерен изглед на просторот. Покрај со убавиот декор, станот инспирира и со добриот план и распоред, кој на најсоодветен начин ја искористува скромната површина, давајќи му функционалност и комфорно чувство на домот. Во продолжение, погледнете како изгледа ова младешко катче и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.