Во својата книга ,,Француски бакнеж – Љубовно писмо за Париз’’ (,,French Kiss – A Love Letter to Paris’’), американскиот фотограф Peter Turnley го обединува своето повеќегодишно творештво, претставувајќи ја интимната колекција на фотографии – посвета на моментите на љубов во градот кој му е непресушна инспирација. Овековечени се спонтани сцени на кои се прикажани романтични двојки низ париските улици, бистроа и барови, нудејќи нежен и сензуален приказ на градот на светлината. Фотографиите се настанати во интервал од 40 години, сите се во црно-бела техника, а ги отсликуваат романсата и духот на минатото во француската метропола.
“Книгата е посвета на мноштвото прекрасни моменти на романса, убавина, надеж, како и љубов кои ги осведочив и ме инспирираа во Париз, мојот дом изминативе 40 години. Верувам дека крајната цел на фотографијата е споделувањето. Возбуден сум да ги споделам со светот овие моменти од срцето кои го допреа и моето, во најубавиот град – Париз.’’