Доколку сте вљубеници во естетиката и атмосферата на прекрасните скандинавски ентериери во поткровје, тогаш подгответе се да бидете воодушевени од станот кој ви го прикажуваме во продолжение. Со одличниот план на просторот и низата декоративни финеси, овој простран, комфорен и стилски дом е одличен пример како со вистинските решенија, станот во поткровје може да биде совршено место за семејно живеење. Ентериерот е полн со изненадувања и креативни идеи, искористувајќи го секое катче за соодветна практична намена, притоа зачувувајќи ги мерата, комфорот и слободата во просторот. За таа намена, креиран е отворен распоред во кој дневниот престој, трпезаријата и кујната комуницираат во една целина, давајќи му воздушесто чувство на ентериерот и можност природната светлина непречено да циркулира. Основата на амбиентот ја сочинуваат белата боја и дрвените елементи, зачинети со колоритните акценти во различни интензивни нијанси и префинети пастелни допири. Особено привлечна е дневната соба, во која атмосферичноста на поткровјето и спуштените плафони, фантастично се вклопени со ѕидовите со груби завршетоци, рустичните дрвени греди и каминот, давајќи му извонредна визуелност и топол амбиент на домот. Големото пространство е деликатно и внимателно уредено, со многу вкус при изборот на мебелот и декорациите, кокетирајќи помеѓу игривоста и елеганцијата. Воочлива е и љубовта кон книгите, со впечатлива библиотека и посебно катче за читање, сочинувајќи важна нитка која ги поврзува зоната за работа, одмор и социјализација. Фацинацијата од овој дом завршува на преубавата, живописно средена тераса, каде семејството може да ужива во пријатните мигови заедно. Погледнете како изгледа овој маркантен дом, и одберете ја омилената идеја и за важиот животен простор.