Малите станови имаат свои предности – помала цена, пониски сметки, како и некој свој, незаменлив и особено привлечен шарм. Главниот предизвик е: како да ги уредите на вистинскиот начин? Доколку живеете сами, или, пак, сте млад пар, тогаш можеби тука ќе пронајдете инспирација за мини дом по мерка. Ви претставуваме гарсониера со површина од 26 метри квадратни, сместена во Вроцлав, Полска, за чиј модерен дизајн е заслужно архитектонското студио adddesign. Иако располага со скромна квадратура, овој мал стан не само што е допадлив и пријатен, туку и инспирира со компактните и функционални идеи во просторот. Лимитираниот простор значително ги намалува можностите за уредување, а делумно се одразува и на комфорот, но со фините визуелни ефекти и добриот избор на мебел, бои и детали, тука е делумно надминат недостигот од повеќе квадрати. Станот е стилизиран со комбинација на белата, црната, сивата и портокаловата боја, во тандем со акцентниот ѕид со цигла и беж софата во дневниот престој. Белата боја му дава свежина и визуелно го зголемува ентериерот, рефлектирајќи ја сончевата светлина во текот на денот. Портокаловата, пак, внесува динамика, игривост, и ведрина во животниот простор, кој иако е многу мал, не е воопшто задушен и монотон. Катчето крај прозорците е искористено за позиционирање на eкипирана кујна со работна површина, додека трпезаријата е флексибилна и се монтира по потреба во аголот отспротива, обезбедувајќи притоа место за седење за двајца. Одличен пример е како со скромен буџет, малиот станбен простор може да добие практичен дизајн за удобен самостоен живот. Инспирирајте се!