„Ќе морам да признаам, имам фобија од ограничување на видиците.
Се згрозувам на помислата дека една кариерна рутина може да ми го загорчи животот. Поинаку размислувам за врските во животот, држењето до семејството и задржувањето на сродната душа до себе. Пријателствата од дете, од училиште. Прифаќање на новите членови од семејството, друштвото или работата со радо срце и прифаќање на ваквите отстапки од рутината. Неодамна на едно предавање по политичка филозофија, во обид на повторување, професорот што секогаш ќе ми даде 2 бода помалку од максимумот поради свој стандард во кој јас не се вклопувам целосно, темелно ни ги изложи главните политички ориентации – меѓу нив, секако, беше и конзервативизмот. „Conservare“, значи да се зачува нештото. Подобра дефиниција за себе немам чуено. Не е дека предходно не се декларирав себеси како конзервативна личност, туку изложувањето на најкарактеристичните белези на конзервативизмот како феномен како да ме изложија мене на дневна светлина пред целата група. Никој не забележа, освен мојата најдобра пријателка чие постоење го поистоветувам со рано зазорување. Не, не е ранобудник. Ја дочекува зората со невидена свежина и расположение без да се наспие, затоа што ќе го преспие утрото. Интересна е оваа моја драга, мое комплементарно добро со кое функционираме заедно како кафе и шеќер. А во моја комбинација на нештата, кафе без шеќер е незамисливо. Без млеко донекаде може да се поднесе, затоа што оваа трета состојка одамна отсуствува од комбинацијата. Иако општопознато е дека кафето е предуслов за основно функционирање на денот (барем за нас трите) и иако себично ни’ недостасува, барем во едно сме сигурни – додека таа ги следи своите академски амбиции вон Скопје, нашето зборно место; додека живее студенски живот за прв пат – и ние ѝ недостасуваме во истата комбинација на нештата…
Сосема различни, а сепак исти. Три долгокоси бринети, со речиси незабележливи варијации во висината и тежината. Три вредни пчелички достојни за секоја задача, чија одговорност и работни навики беа најсилно оружје. Три успешни политиколози во создавање и три карактери кои никогаш нема да бидат политичари. Поради сочувство и неможност да излажат. За волја на вистината, сите три еден ден се гледаме како дел од голема меѓународна организација, независно убедувањата, независно квалификациите кои начелно ни служат за да се надополниме една со друга. А колку сме нецелосни! Колку сме осамени во нашата 612.
И не само тоа.
Било која задача, активност, кафе, колоквиум, презентација, шопинг, вежби, муабет на мобилен или Фејсбук, возење во автобус независно дали сме упатени кон факултет или кон Брисел, едноставно не беше исто. Секогаш недостасуваше и ќе недостасува таа една третина. Смиреноста и подготвеноста да се излезе во пресрет на секоја провокација или предизвик. Импулсивноста и снаодливоста беа тука, како и грижливоста и одговорноста – но, сепак не беше исто. Ниту некогаш ќе биде, затоа што разговорот тет-а-тет никогаш нема да се мери со разговорот на Скајп. И ниедна шолја Нес нема да е делотворна како спасител во двојна смена на работа и факултет. Огромна прилика и важна лекција за трите: соочување со зрелоста и прифаќање на одговорноста за најголемите проекти во високо образовна институција чиј производ сме самите. Повеќе пати ни рекле дека сме најдобра движечка реклама на истата. Капацитетни да го обелиме образот и научно и практично. Освен регуларните студии и новите работни места, станавме повеќе од интегриран дел на Универзитетот. Станавме семејство, се грижевме едни за други, се грижевме за целината. Внимававме на секоја ситница како што се внимава при инсталација на нов вреден уред. Дишевме во ист ритам и се докажувавме на сите полиња.
Колку и да се изменија работите од тогаш, едно нешто беше константно. Фактот што знаевме дека онаа врска што ја создадовме за кратко време ќе издржи цел животен век, со уникатен дипломатски имунитет.“
* авторски текст
– извадок од ненасловената книга во најава (Ива Китановска)
… погледнете и „За најдобрите пријателки“