Во потрага по убави идеи за празнична атмосфера во домот, ви ги отвораме портите на еден прекрасно декориран италијански дом, кој буквално блеска во пресрет на новогодишните и божиќните прослави. Италијанците се познати како народ со одличен вкус, а нивните куќи и станови се одраз на љубовта кон семејството и топлината на домот. Оттука, не зачудува што огромно внимание се посветува токму на декорот и неговото украсување во екот на зимските празници. Во овој стилски и елегантен животен простор, тоа е постигнато со комбинација на преубави винтиџ парчиња мебел и антиквитети, топли и неутрални бои кои создаваат удобен и смирен амбиент, како и традиционални божиќни украси. Почнувајќи од раскошниот дневен престој, преку кујната и ходникот, па се’ до спалната соба, во целиот ентериер царува новогодишната бајка. Погледнете ги фотографиите и пронајдете ја омилената инспирација и тема за внесување на магијата на престојните празници и во вашиот дом.