Прекрасната стара куќа која ви ја претставуваме се наоѓа на брегот Марезме во Шпанија. Изградена е во далечната 1865 година, а неодамна е потполно обновена и реновирана. Некогаш темните и мрачни соби денес се заменети со снежно бели ѕидови и мебел. Елегантно уредениот ентериер кој изгледа како неговиот дизајн да е дело на некоја снежна вила, исполнет е со преубави декорации во неутрални тонови и бои. Доминира спојот на бела и беж боја, а надополнет е со внесувањето на златни празнични елементи. За магичната атмосфера во оваа куќа се заслужни многубројните украсни детали, распоредени помеѓу снежните ѕидови и парчињата мебел, како винтиџ декорации, зелени гранчиња, цвеќиња и декоративни свеќи. Амбиентот изобилува со нордиски мотиви и секој детал е на свое место. Дури и да не сте претерано романтични, или, пак, таквиот стил на украсување не ви е меѓу омилените, сепак, овој прекрасен дом сигурно ќе ве воодушеви. Уживајте!
Снежна бајка во домот
Празнично уреден ентериер во бела и златна боја.