Доколку сте љубители на естетиката и стилот на парискиот внатрешен дизајн, тогаш подгответе се да бидете воодушевени од изгледот на овој шармантен дом во поткровје. Le Loft des Innocents е инспиративен и интересен тавански стан сместен во француската престолнина, за чиј е редизајн е најзаслужен архитектот Frédéric Flanquart, задолжен за неговата санација по пожарот во кој бил делумно уништен. За дизајнерот било вистински предизвик како да го преуреди просторот и да осмисли комплетно нов ентериер. Клиентот сакал нешто поинакво, по малку амбициозно и креативно, за во целост да се измени неговиот дотогашен животен простор. За таа намена, дизајнерот замислил амбиент кој е удобен за престој во текот на денот, а навечер лесно може да се претвори во вистинско мало царство за уживање. Дрвените греди совршено се вклопуваат во концептот, давајќи му посебен шарм на модерниот ентериер чија основа ја сочинуваат белата, сивата и црвената боја. Станот е со површина од 80 метри квадратни, а неговиот дизајн се заснива на комбинацијата на комплексност, едноставност и игра со светлината. Уживајте во разгледувањето и пронајдете ја омилената идеја или инспирација и за вашиот дом!