На третиот моден ден во рамките на есенскиот Моден викенд дебитираа четири имиња а вечерта заврши со ревиите на дизајнерките Ирина Тошева и Олгица Ѓоргиева, вчера во салонот „Ауди-Порше Македонија“.
На пладневна ревија , беше прикажана колекција за деца од модната продавница „Софиленд“ за сезоната есен/зима 2014/2015 година, од повеќе американски брендови. На ревијата гостуваа и децата од Здружението за деца со Даунов синдром „Трисомија 21“ од Скопје.
Вечерните ревии започнаа со колекцијата на дизајнерката Андриана Динева која подолго време твори под етикетата „Kufer“ но за прв пат се претставува на Моден викенд Скопје. Динева ја претстави колекцијата „Timeless“ за есен/зима 2014/2015 година. „Колекцијата Timeless зборува за самоуверена жена, која не е определена од тековните тенденции. За храбрата жена што секогаш знае да ја помести границата на она што се нарекува женственост, жена што не прави компромиси и жена што верува во безвременска класика“, вели Динева.
Своето деби на Моден викенд го имаше и модната куќа „Hera“. „Овој пат се посветивме на фустаните за романтична вечер, направени со материјали што обезбедуваат чувствителност и нежност, а карактеристичен е сјајот на кристалите и мекоста на пердувите“, велат од „Hera“.
Од младиот Златко Јовановски кој се потпишува зад „JZJ by Zlatko Jovanovski“ посетителите видоа колекција за актуелната сезона, инспирирана од славниот уметник Микеланџело, наречена по неговото истоимено дело „Страшниот суд“. Во богатата палета тонови преовладуваат пастелните, особено давајќи драматичност со белата боја.
Вечерта ја заокружија ревиите на веќе познатите дизајнерки Ирина Тошева поддржана од My:Time и Олгица Ѓоргиева поддржана од Oxette.
„ Зебрата е употребена како симбол на индивидуалност и ни открива дека колекцијата е наменета за оние што се во постојано движење и имаат желба да се разликуваат од околината. Токму тие умеат да ги слушнат своите инстинкти и да изгледаат онака како што се доживуваат однатре .“, вели за својата колекција Тошева.
Олгица Ѓоргиева за најновата колекција наречена „Complete your puzzle“ за есен/зима 2014/2015 година, вели дека е минималистичка, женствена но и безвременска, составена од секојдневни носливи парчиња но и елегантни фустани.
Фото: Ани и Дими
DivianArts е медиумски покровител на FWSK.