Ентериерот на овој мал стан е одличен пример како може максимално да се искористи лимитираниот простор во домот, без преголем буџет и на едноставен начин. Иако е со површина од само 28 метри квадратни, станот делува доволно пространо и нуди сосема удобно чувство во внатрешноста, а притоа опремен е со се’ што е потребно за пријатен живот. Шемата на бои е базична, но со модерни карактеристики, вклучувајќи ги хромираните акценти во декорот и различните текстури на мебелот. Спалната соба е извишена на второ ниво, налик на мини-лофт, давајќи им ја потребната приватност на сопствениците на станот. Работниот простор е позициониран веднаш под креветот и е едно од низата паметни решенија за наменско исползување на скромната квадратура. Кујната е стилизирана во бела боја и екипирана е со сите неопходни кујнски апарати, додека недостигот од класична трпезариска маса е умешно надминат со поставувањето пулт и две барски столици. Мини станот располага и со голема и пријатна тераса, каде живите бои смело им пркосат на сончевите зраци. Вистинска инспирација во мала квадратура – погледнете ги фотографиите и ,,украдете’’ ја омилената идеја и за вашиот животен простор.