Почетокот на учебната година е секогаш добар повод да ги изненадите вашите најмили со ново или разубавено детско катче во домот. Во детската соба ќе минуваат најголем дел од слободното време за одмор и релаксација, за дружење со врсниците, или, пак, за учење и завршување на обврските за на училиште. За таа намена, покрај игривоста и забавната тема, особено важно е детското катче да им понуди комфор и пријатен амбиент за престој на најмалите членови на семејството. Проектирањето на соодветен простор за едно или повеќе деца не е нималку лесна задача, па затоа ви претставуваме неколку одлични примери кои нудат позитивни идеи во таа насока. Дело се на дизајнерите од студиото Archivizer, од каде ги доближуваат желбите и вкусот на родителите, со она што навистина е неопходно и соодветно за возраста на детето. Комбинирајќи повеќе стилови и детали, дошле до интересни решенија кои сигурно ќе ви се допаднат и инспирираат како да ја уредите детската соба. Овие соби се светли и шарени, но не претерано дречливи, оживувајќи ја детската мечта на духовит и оригинален начин. Креветчиња на кат, ѕид премачкан со боја за училишна табла и мебел кој лесно се транформира – тоа се само дел од деталите кои ќе и дадат весела нота на детската соба. Во продолжение, погледнете како изгледаат нивните прекрасни предлози и одберете ја омилената инспирација за вашиот дом. Едно и единствено правило е: бидете креативни!