Италијанскиот дизајн е синоним за стил, софистицираност и елеганција во животниот простор. Повеќето Италијанци имаат одличен вкус, а нивните куќи и станови се одраз на љубовта кон семејството и топлината на домот. Ентериерите се префинети, грациозни и беспрекорно уредени, одржувајќи рамнотежа помеѓу убавиот изглед од една страна, и максималниот комфор и функционалност од друга. Станот кој овојпат ви го претставуваме е еден од најдобрите примери за последните тенденции и трендови од светот на модерниот италијански дизајн. Станува збор за современ станбен простор во Кремона, кој освојува на прв поглед со својата едноставност и удобноста која ја нуди во внатрешноста. Изборот на бои се сведува на светли нијанси и неутрални тонови, кои воопшто не делуваат монотоно, туку се исклучително пријатни за окото, давајќи му смиреност и лежерна нота на станот во целина. Големиот отворен простор е преубаво осмислен и испланиран, а во него пригодно се сместени дневниот престој, трпезаријата и кујната. Деталите се внимателно избрани. и најзаслужни се за стилскиот изглед и елегантниот допир во секоја од просториите. Во продолжение, погледнете како е средена секоја од нив, и инспирирајте се од фините идеи кои ги нудат.