Секоја недела, фризерот Mark Bustos шета низ улиците на Њујорк во потрага по нов клиент. Иако работи во модерен салон, Марк се труди да најде некој посиромашен човек кој навистина ќе го цени тоа што ќе му го направи. Тој им пристапува на бездомниците и им вели: „Денес сакам да направам едно добро дело за Вас”.
Бустос започнал со ова хоби во 2012, откако отишол да ги посети роднините на Филипини. Тој му платил на еден тамошен фризер за да изнајми стол од неговата фризерница со цел да ги разубави и усреќи сиромашните деца од градот. Чувството после вакво добро дело многу му се допаднало и решил да продолжи со истото и во Њујорк.
Освен во Њујорк, Марк ги стилизирал бездомниците и во Костарика, Јамајка и Лос Анџелес. Сето ова тој го прави на јавно место, со надеж дека луѓето околу него ќе се инспирираат од неговото добро дело за и тие да почнат да им помагаат на оние со несреќна судбина. Тој вели: „Секој човечки живот има иста вредност. Сите заслужуваат втора шанса”.