Со интимниот амбиент, прекрасните декорации и идејните решенија кои инспирираат, лесно е да ги занемарите минијатурните пропорции на ова станбено катче. Иако располага со површина од само 22 метри квадратни, ентериерот е толку вкусно, пријатно и функционално уреден, што потребата од поголем простор речиси и да не се забележува како недостаток. Малата квадратура е вешто искористена како предност, а погодната висина овозможува добра организација и паметен план во станбениот простор. Така, спалната соба е сместена во галеријата на второ ниво, а под неа, комфорно се сместени дневниот престој и библиотеката. Креирана е отворена целина во кој светлината непречено циркулира, а во распоредот се вклучени и солидно екипирана кујна, трпезарија крај прозорецот, тв-комода и голем орман за складирање. Единствената засебна просторија во станот е малечката, но компактна бања со мозаични плочки. Во ентериерот доминираат белата боја и светлите природни тонови, а романтичните детали совршено се вклопуваат во целиот амбиент. Удобно, практично и со стил – дали се ова најубавите 22 метри квадратни? Доколку се колебате за одговорот, погледнете како изгледа уште еден стан со истата површина, но со сосема поинаков дизајн.