Со егзотичните пејзажи, белите песочни плажи и кристално чистата вода во која се огледува азурното небо, Карибите се омилена летна дестинација за одмор. Меѓу нив се вбројува и Сен Бартс – бисерот на Карипското Море и еден од најстарите Карипски острови. Живописниот остров е вистински рај среде Атлантикот, откриен и именуван од Кристофер Колумбо по неговиот брат во 1493-та година, а колонизиран од Британците во 17-от век. Денес, ова идилично светско катче е под закрила на Франција, а во неговата божествена убавина уживаат сите светски патници кои трагаат по нови авантури. Вгнезден крај заливот, комплексот Guanahani & Spa е еден од највпечатливите нови хотели отворен во 2014 година, а веќе се издвојува како место во кое царуваат луксузот, комфорот и елеганцијата. Ресортот го сочинуваат низа шарени вили и бунгалови, сместени во интимен амбиент, секој со приватна тераса и градина. На своите гости им нуди почеток на несекојдневно патување низ тропските предели, канејќи ги на релаксација во собите чиј ентериер е полн со светли бои и стилски дизајн. Совршено се поврзуваат со се’ она што се случува надвор, па на туристите е да одлучат како ќе поминат своето време – препуштајќи се на врвната услуга и погодностите кои им ги обезбедува сместувањето, или, пак, истражувајќи ја неисцрпната природа во опкружувањето. Неверојатно инспиративно место!
Тропски рај на Карибите
Луксуз, комфор и елеганција – за летно сценарио од соништата.