Иако располага со површина од само 22 метри квадратни, овој мини стан не само што е допадлив и пријатен, туку и инспирира со интересните идеи во просторот. Се наоѓа во центарот на Киев, Украина, а за неговиот компактен и фунционален дизајн заслужна е архитектката Елена Фатеева. Малата квадратура значително ги лимитира можностите за уредување, а делумно се одразува и на комфорот, но со фините визуелни ефекти и паметниот избор на мебел, бои и детали, тука е умешно надминат недостигот од повеќе квадрати. Станот е стилизиран со комбинација на белата и портокаловата боја, во тандем со акцентниот ѕид со цигла и кафената софа во дневната соба. Белата боја му дава свежина и визуелно го зголемува ентериерот, рефлектирајќи ја сончевата светлина во текот на денот. Портокаловата, пак, внесува динамика, игривост, и ведрина во животниот простор, па, иако е многу мал, не е воопшто задушен и монотон. Катчето крај прозорците е искористено за позиционирање на работната зона, додека минималистичката кујна е спакувана во само 3,8 метри квадратни, а е комплетно функционална. Станот е опремен и со удобна бања, зона за рекреација на балконот и неколку практични решенија за складирање. Одличен пример е како со скромен буџет, малиот станбен простор може да добие мултинаменски дизајн за комфорен самостоен живот. Инспирирајте се!