Сината, белата, сивата и песокливата нијанса се палетата бои со која елегантно е внесена атмосферата на плажата во ентериерот на овој мал апартман на Азурниот брег. Деликатно се пресликани тоновите на песокот и камењата, синото небо и азурното море, додека светлите бели акценти во внатрешноста ги симболизираат контурите на белите едра на јахтите и облаците над морскиот хоризонт. Станот се наоѓа во гратчето Кап д’Aил, во непосредна близина на Монако, а најзаслужни за неговиот модерен дизајн и префинет изглед се архитектите од NG Studio. Замислен е како мини летна резиденција за одмор во убавините на француската ривиера, обезбедувајќи современо прибежиште за потполно опуштање. Комбинацијата на сензуални и неутрални бои му дава лежерен и смирен амбиент, во тандем со минималистичкиот декор и чистите линии во просторот. Не изостанува ниту луксузната нота, умешно вметната преку изборот на мебелот, аксесоарите и богатите дрвени допири. Креиран е функционален распоред и паметни решенија за складирање, со дневен престој, трпезарија и кујна кои комуницираат во отворен план, како и засебна спална соба, бања и релаксирана тераса за уживање надвор. Целиот стан е компактно уреден, со единствен стил и многу вкус при селекцијата на декоративни елементи. Инспирирајте се!