Доколку сте од оние кои не можат да ги замислат топлите денови без студено пиво, тогаш овој генијален дизајн ќе ве воодушеви. Повеќе нема потреба од кофи полни со лед, преносливи ладилници или фрижидер за ладење на пивото. Подземниот ладилник за пиво еCool е оригинален и еколошки гаџет развиен од четворица дански дизајнери, кој не употребува електрична енергија за да работи. Подземниот ладилник може да собере и до 24 лименки пиво со просечна големина, како и конзервирана вода со големина од 300 ml во Европа, или, пак, 12 oz во САД.
Ладилникот едноставно се инсталира во земја, со градинарска дупчалка или лопата, така што посебниот оддел за лименките се поставува под површината на земјата. Може да се користи во текот на целата година, на било кое место каде има земјена површина, без оглед на тоа дали станува збор за градината, или, пак, терасата.
Креативниот ладилник има добра изолација, така што одржува приближно иста температура во текот на целата година. Со помош на вградените рачки, на лесен начин можете да добиете лименка студено пиво кога и да посакате. Што се однесува до димензиите и тежината, подземниот ладилник е висок 113cm, со дијаметар од 22 до 30cm, а тежок е 12 килограми.