Кога добила задача да дизајнира мал станбен простор, руската архитектка Јулија Гаврилова не размислувала ,,надвор од кутијата’’, туку сосема спротивното. Станот е во сопственост на млад актер, па архитектката одлучила да го трансформира ентериерот со своите возбудливи идеи. Дошла до неколку прилично необични решенија, со кои станот би го направила весело и пријатно место за живеење. Резултатот е фантастично завршена работа – создала повеќенаменско студио со живи бои и атрактивни додатоци, во кое и покрај скромната површина не недостига ништо за пријатен живот. Основна карактеристика на овој мини простор е коцката како парче мебел кое има повеќе функции. Тиркизната кутија е комплементарна со шарите на ѕидот во станот, а служи како мала канцеларија, полица за книги, гардеробер и кревет. На тој начин, компактниот мебел истовремено e спална соба и работна зона, умешно надминувајќи го недостигот од повеќе квадратни метри во станот. Колоритните перници и уметничките дела во ведри бои на ѕидовите, совршено се сложуваат со функционалната ,,кутија’’ во просторот, додека низата мали лустери додаваат нова димензија и ја рефлектираат светлината од големите прозорци. Малиот дизајн функционира добро во рамките на станот, а коцката има централно место во домот. Дизајнот на коцката може да се користи како решение и во многу други варијанти и простори, а нејзината функција може да биде изменета во согласност со индувидуалните потреби на сопственикот.