Велат домот е онаму каде ви е срцето, а во амбиентот на овој прекрасен стан не може да не ја почувствувате огромната љубов со која е уреден и украсен. Секое катче зрачи со позитивна енергија, хармонија и лежерност, а внимателно избраните детали го облагородуваат животниот простор со свежина и пријатно чувство. Погодната површина од 73 метри квадратни умешно е искористена да се обезбеди со се’ што е потребно за удобен живот, а паметниот и функционален распоред обезбедува нималку да не се задушат собите. Целиот ентериер е воздушест, компактен и комфорен, благодарение на отворениот план, минималистичкиот стил на уредување и изборот на светли и суптилни тонови. Белата боја, во тандем со нежните беж и кремасти нијанси ја сочинуваат основата на станот, надополнети од ненаметливите пастелни акценти и зеленилото на декоративните билки. Конципиран е како трособен стан, со дневна соба и трпезарија кои комуницираат во една целина, и засебна кујна со пристап до мал цветен балкон. Во станот нема премногу парчиња мебел и аксесоари, но стилизиран е со многу вкус и изгледа префинето. Дрвениот под внесува топлина, a од мноштвото прозорци продира големо количество на сончева светлина во секој агол. Нагласениот ѕид од цигла во ходникот и оној украсен со тапет во дневната му даваат ретро шарм и совршено ја разигруваат смирената нота на остатокот од ѕидовите. Прошетката низ собите ќе ви открие мноштво креативни, а опуштени идеи за уредување на дневниот престој, спалната соба, бањата, кујната, катчето за читање, а дефинитивно нема ве остави рамнодушни ниту на преубавото балконче, со глетка која е уживање сама по себе. Одберете ја омилената инспирација!