Каде и да го свртите погледот, некоја нова и интересна идеја ви го краде вниманието во ентериерот на овој преубав стан. Уреден е ненаметливо, лежерно и многу спонтано, а сепак воодушевува со стилските решенија во секоја од собите. Неутралните бои се вистински избор за бојадисување на животниот простор, давајќи му смиреност, хармонија и релаксирана нота на амбиентот. Тука, тие ја сочинуваат основната палета, и речиси се неприметни во опкружувањето, претставувајќи одлична подлога за акцентните декоративни детали. Во тандем со нежно белата боја, формираат совршен спој за блескав и светол изглед на домот. Истовремено, огромните прозорци обезбедуваат големо количество на природна светлина во ентериерот, додека досетливиот распоред овозможува нејзин непрестан проток насекаде. Креиран е отворен план во кој дневниот престој комуницира со трпезаријата и кујната. За комфорното чувство заслужни се и топлите дрвени допири и внесот на свежи декоративни билки и цвеќе. Детали кои особено восхитуваат се прекрасната библиотека во дневната соба, домашната канцеларија и трпезаријата со рустичен шарм. Секое катче има своја приказна, а заедно формираат една убава и компактна целина која е максимално пријатна за окото, но и исклучително удобна за секојдневен живот. Комбинирајќи го старото и новото, поврзани се фините парчиња мебел, винтиџ украсите и меките текстили во совршен микс за стилизирање на катчињата. Уживајте во инспирацијата и одберете ја омилената идеја.