Седумнаесет домашни и странски дизајнерски имиња ќе отпочнат продажба на своите парчиња во новата концептуална продавница Lotus Design Store, која ќе биде отворена во среда, на 25 јуни во 20 часот, на вториот кат во Скопје Сити Мол.
По неполна година успешно работење, Поп ап катчето „Лотус Генерација“ прераснува во најголема концептуална продавница кај нас – Lotus Design Store, која ќе ги собере на едно место продизводите на дизајнерите Росица Мршиќ, Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Јована Филиповиќ, Оливера Штакоска, Елена Спасовска, Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska како и брендовите Lotus Lounge Chair, Завар Дизајн, Фејдом, Творница, Лудус, Le brand, Kapka jewerly, Daemonium, познатиот француски бренд за ракавици Thomasine и српскиот бренд MOO SHEMA.
„Lotus Design Store е необична галерија на индустрија, мода, накит и уметност, врска меѓу сегашноста и иднината, меѓу реалноста и магијата. Нашата мисија е да го воведете дизајнот во вашиот живот и да стане ваш стил.“, објаснува дизајнерката Анита Гај, сопственичка на продавницата.
Експанзијата на талентирани домашни дизајнери ја наметна потребата да се обединат на едно место и со тоа нивните парчиња да им бидат подостапни на купувачите. Lotus Design Store е наменет за заедничка промоција и продажба пред се на македонски дизајнирани производи како облека, модни додатоци, обувки, мебел, светилки, декоративни елементи но и скулптури, фотографии и книги. Lotus Design Store ќе функционира и како арт простор во кој ќе бидат организирани различни активности.
На отворањето ќе бидат изложени фотографиите на нашиот најпознат режисер Милчо Манчевски од серијата насловена „Пет капки сон“ кои воедно ќе бидат на продажба како најава за голем број идни изложби кои ќе бидат организирани во просторот. Покрај фотографиите, на продажба ќе бидат и книгите на Манчевски. Отворањето ќе го испрати моден перформанс на манекенките од модната агенција „Подиум“.