Постојат домови кои освојуваат со интересниот дизајн, инвентивните решенија и практичноста. Има и такви кои со начинот на кој се организирани и средени, совршено потврдуваат дека малите димензии не се пречка за удобен живот. Сепак, покрај сите нив, ќе сретнете и некои толку оригинално и прекрасно украсени, што едноставно заборавате на се’ друго и се вљубувате на прв поглед. Меѓу нив, го препознавме и овој сладок станбен простор, кој сигурно ќе ве воодушеви со својот светол и романтичен изглед. Страста кон винтиџ деталите и снежно белиот амбиент се нештата кои му даваат шарм и автентичност на секое катче. Потсетува на вистинска мини оаза за сонувачи, откривајќи мноштво инспиративни идеи во ентериерот. Со површина од 58 метри квадратни, како ретко каде, на едно место ќе сретнете толку многу свежи и оригинални декорации, ненаметливо издвојувајќи се во сензуалното бело опкружување. Во сличен манир е конципиран целиот животен простор, кој располага со дневен престој, трпезарија и кујна сместени во отворен план, како и засебна спална соба и бања. Белите ѕидови, тавани и подот креираат по малку бајковита атмосфера, збогатена со нежните кафени и виолетови допири, во комбинација со стари и рустични парчиња мебел од дрво и бамбус. И покрај опуштениот и лежерен дизајн, не изостанува ниту функционалноста и комфорот. Прекрасен дом со личен печат – уживајте во глетките!