Скандинавскиот стил никогаш не престанува да инспирира со едноставните, но елегантни примери за минималистички уредени ентериери. Сепак, станбениот простор кој овојпат ви го претставуваме е нешто сосема поинакво и посебно, обединувајќи го најдоброто од современиот шведски дизајн. Целиот ентериер е полн со изненадувања и интересни дизајнерски решeнија, удобно сместени во трособен стан со површина од 89 метри квадратни. Ќе сретнете буквално се’ на едно место – но искомпонирано по мера и со многу вкус. Играта со светли и темни тонови, занимливите парчиња мебел и декорации, како и колоритните акценти во впечатливи нијанси на боја му даваат уникатен амбиент и привлечност на секое катче. Во просторот умешно се менуваат старото и новото, винтиџ и модернистичките допири, а амбиентот е зачинет и со весели дезени и украсни тапети. Црно-белиот контраст е заслужен за драматичната елегантна нота која внесува доза на префинетост во дневниот престој, додека шарените аксесоари му ја даваат потребната ведрина и игривост. Иако се’ е подредено на убавиот дизајн и изглед на домот, не изостануваат ни функционалноста и паметниот распоред на собите. Дневната соба, кујната со остров и трпезаријата се сместени во една отворена целина, во која е пронајден простор и за катче за читање, поставено крај ѕидот од тули. Вистинска инспирација за енергични и храбри личности кои знаат што сакаат во својот животен простор. Пронајдете ја омилената идеја!