Секој посетител на популарната стоковна куќа во Сингапур има можност покрај убаво парче мебел, дома да си понесе и ново милениче. Станува збор за најновата креативна кампања ,,Home for Hope’’ (,,Дом за надеж’’), со хумана мисија – да им се обезбеди топол дом на оние на кои тоа им е и повеќе од потребно.
До оваа идеја дошол маркентишкиот тим на сингапуршката IKEA, кои смислиле оригинален начин како да ги мотивираат своите посетители да вдомат бездомно куче. За таа цел, биле фотографирани сите кучиња од локалниот азил за животни (Animal Lovers League и Save Our Street Dogs), а потоа испечатени на картонски принтови во природна големина.
Принтовите на симпатичните кучиња се изложени ширум стоковната куќа, па така свое место нашле покрај трпезариските маси, крај креветите или во кујната. Секое куче околу вратот има прикачено QR код, а доколку некому му се допадне и сака да го вдоми, доволно е да го скенира кодот со својот мобилен телефон. Апликацијата го води до веб-страницата со формулар за вдомување, каде се наоѓа и биографијата на секое од кучињата.
Од познатата шведска компанија се надеваат дека ќе успеат да допрат до што повеќе срца и ума со идејата за посвојување на бездомни животни. Бидејќи некогаш, крзненото пријателче е се’ што ви е потребно да го направите вашиот дом целосен.