34 метри квадратни се мали, но не и недоволни димензии за создавање удобно и пријатно катче за живеење. Уште една инспиративна потврда е овој прекрасен мини стан, за чиј концепт најзаслужна е литванската дизајнерка Audronė Ambrazienė. Од стариот стан на нејзината баба создала многу модерен, елегантен, и пред се’ функционален животен простор со засебна спална соба, во каков секој би посакал да престојува. Тајната е во добрата организација и новиот распоред, при што постоечките ѕидови се отстранети во процесот на реновирање. Наместо нив, сега спалната е издвоена со огледални прегради, кои истовремено придонесуваат за визуелниот ефект и светлината во станот, а имаат и одлична декоративна намена. Целиот стан е хармонично стилизиран со бои и материјали од природата, давајќи му пријатна атмосфера и суптилна нота на ентериерот. Така, белата боја е вкусно искомбинирана со пролетната зелена нијанса и органските кафени тонови, внесувајќи смиреност, спокој и лежерност во секоја просторија. Во отворен план комуницираат дневната соба, трпезаријата и кујната, споени во компактна целина со едноставна, но впечатлива стилска тема. Спалната соба е мала, но сосема доволна за одмор и релаксација, за што во голема мера придонесува и квалитетната звучна изолација на ѕидовите. Недостигот од повеќе природна светлина е надоместен со амбиентални вештачки извори на светлина и огледала, додека како решение за повеќе простор за складирање е искористен големиот плакар во ходникот. Феноменални идеи – инспирирајте се!