Иако е со релативно мала квадратура, овој одлично дизајниран стан може да се пофали со модерен ентериер во кој се исполнети сите желби на еден современ маж. Во сопственост е на млад бизнисмен од Москва, а најзаслужни за целиот концепт и феноменалниот изглед на станот се дизајнерите Тарас Безруков и Стас Самкович, од студиото ,,TS Design’’. Станот е функционално оспособен со сите предуслови за удобен самечки живот, а притоа е и беспрекорно стилизиран – едноставно и со чисти линии, но во мошне елегантно и луксузно издание. Природните материјали како дрво, камен и стакло совршено се вклопени во амбиентот, а во комбинација со неутралните тонови, црната и белата боја му даваат изразена машка нота на ентериерот. Во отворен план, креирана е пространа зона во која комуницираат дневната соба, трпезаријата, кујната и ходникот, вклопени во една целина наменета за дневен престој и дочекување гости. Како засебен простор, издвоени се спалната соба за одмор и релаксација, малата домашна канцеларија и компактниот гардеробер, формирајќи ја приватната зона во станот. Богатиот дрвен под го облагородува ентериерот со чувство ма топлина, а нагласениот ѕид со цигли ја потенцира младешката енергија и личниот стил на сопственикот. Декорот е минималистички, но префинет и ефектен, а го сочинуваат малку детали избрани со многу вкус. Навистина тешко е да се замисли поубаво и поефикасно дизајнерско решение во само 59 м2. Инспирирајте се!