Ведрите бои и богатиот декор се убавиот спој кој освојува на прв поглед во овој атрактивен стан на две нивоа, сместен на Менхетен. Мини дуплексот е со површина од 62 метри квадратни, но изгледа многу пространо, светло и пријатно, пред се’ поради белите ѕидови кои никогаш не изглегуваат од мода, но и големите прозорци од кои продира големо количество на природна светлина. Одгововорни за проектот, и најзаслужни за неговиот шарм се креативниот тим на Axis Mundi Design, со одлично осмислениот дизајн фокусиран на истакнување на извонредните карактеристики на просторот. Ентериерот е непретенциозен, но префинет, полн со живост и блесок, и едноставно зрачи со позитивна енергија. Ефектните детали, како што се зебрастите пруги, интересните столици, масичката за кафе и раскошниот лустер му даваат кокетен шик изглед. Ведрите дезени на перничињата, модерниот камин, и веселиот килим, пак, внесуваат игривост, совршено вклопувајќи се со топлите дрвени допири во опкружувањето. Спалната соба е поставена во галеријата на второ ниво, и со својот дизајн се издвојува од остатокот од ентериерот. Интензивно синиот ѕид зад креветот вдахнува колоритен поп допир во катчето за одмор и релаксација, додека останатите детали елегантно поигруваат со црно-белиот контраст. Бањата, пак, е стерилно бела и минималистичка. Комфор, светлина, оптимизам и бои – во овој прекрасен њујоршки стан не е нималку тешко да се вљубите!