Неопходно е ефикасно искористување на секој агол, избор на вистинска шема на бои и малку модернистички допири во просторот, за мини станбено катче да се трансформира во совршено гнездо на комфорот. Но, како? Прекрасен пример е овој шармантен мал стан во Москва, кој неодоливо потврдува дека некогаш помалку навистина значи повеќе. Зад инвентивниот проект потпишан е дизајнерскиот тим на студиото INT2 Architecture, обединувајќи ги добриот распоред и убавиот изглед во пријатен амбиент во каков секој би посакал да живее. Иако со скромни димензии, може да се пофали со мошне атрактивен, ведар и разигран дизајн, во кој се чувствува младешкиот дух, а нуди многу практични решенија во уредувањето на сите простории. Креирани се функционални зони со паметно изведени прегради помеѓу собите, а површините за складирање одлично се вклопени во целокупниот дизајн. Белите циглени ѕидови и суптилните пастелни акценти во розова, жолта, сина и зелена боја се во совршена хармонија, збогатени со парчињата мебел во неутрални тонови и топлите дрвени елементи. Секоја соба открива нови и слатки декоративни финеси, на кои е навистина тешко да одолеете. Пронајдете ја вашата омилена инспирација!