Иако располага со скромна квадратура, воодушевува со практичноста, комфорот и одличната атмосфера кои многу вешто се спакувани во толку малку квадрати. Покрај тоа, може да се пофали и со исклучително привлечниот изглед – елегантен и префинет, а истовремено хармоничен и удобен. Целокупниот ентериер е во минималистички стил, но остава мошне силен впечаток. Белата боја ја сочинува неговата основа, што е секогаш одличен избор за мали станови, бидејќи не само што визуелно го зголемува просторот, туку во комбинација со светлите подови и светлината од прозорците, внесува и свежина и релаксиран амбиент за живеење во просторот. Деталите се мешавина на пријатни неутрални и природни тонови, црно-бели акценти и винтиџ дрвени допири, кои одлично се вклопуваат во белото опкружување, дополнително давајќи му смирена нота во ентериерот. Нема премногу украси, но секоја просторија е декорирана со многу вкус и внимание обрнато на декоративните финеси. Деталите се оние кои му даваат шарм на станбениот простор, па така, прекрасниот камин, амбиенталните свеќи и цветните аранжмани придонесуваат за кокетноста на ова мало станбено катче. Паметно е креиран отворен план во кој дневната соба, трпезаријата и кујната комуницираат меѓусебно, а спалната соба наместо со класични ѕидни прегради, суптилно е ограничена со стакло, што и обезбедува проток на природна светлина во текот на денот. Станот располага и со целосно екипирана кујна, бања со туш, гардероба и пријатен балкон. На тој начин, создадена е компактна целина со естетика и функционалност, осопособена со се’ што е потребно за индивидуален, или, пак, живот во двојка. И навистина, кој би се противел да живее во толку убаво средени 34 м2? Инспирирајте се!