Дизајнот на ова поткровје ги остварува желбите дури и на оние со најпребирлив вкус. Одлично е конципирано и уредено, нудејќи многу инспиративни идеи, деликатно спакувани во двособен стан од 70 метри квадратни. Компактниот изглед, чувството на интимност и топлината го облагородуваат убабп стилизираниот ентериер, создавајќи навистина чудесна атмосфера за живеење. Играта со белата и црната боја внесува префинета нота, дрвените допири ја будат рустичната магија, а кокетниот декор шармантно го разигрува просторот. Креиран е отворен план во кој комфорно комуницираат дневната соба, трпезаријата и кујната, со прекрасен камин, библиотека и маркантни парчиња мебел и декорации кои се одлично вклопени во целината. На прв поглед се вљубувате и во малата спална соба поставена под ниско спуштениот плафон, но и во лежерната бања суптилно декорирана со амбиентални свеќи. Вниманието го привлекува и впечатливиот ѕид со тапет кој ја акцентира љубовта кон книгите, а воздишки краде и симпатичната тераса за уживање под небото на Стокхолм. Колку убавина на само едно место – погледнете ја галеријата и пронајдете ја омилената инспирација и за вашиот дом.