Црвените детали, во комбинација со убавото декоративно зеленило, доминираат во овој мини стан со површина од 49 метри квадратни, креирајќи свечен и празничен амбиент во елегантниот, но мошне забавен ентериер. Станот не би бил тоа што е без собните растенија, распространети насекаде, на секое погодно место, па дури и во бањата. Иако со скромна квадратура, станот е исклучително функционален, со добар распоред, и многу паметен и привлечен дизајн истовремено. Во убавата кујна, за ѕидовите се употребени панели во темно сива нијанса, во комбинација со керамички плочки во бела боја, наредени налик на цигли. Над работните површини поставено е осветлувањето, а централен елемент во кујната е високиот и масивен црвен фрижидер со ретро шмек. Дневната соба претставува микс на скандинавски и индустриски стил, и е умерена и едноставна, во сиво-бела комбинација на тонови. Сивата и белата боја разиграни се со различни текстури и парчињата дрвен мебел. Еднообразните канцелариски плакари се претворени во библиотека за книги и медиа уреди. Во спалната соба, пак, преовладува тонот на дрвото, кој и ја дава потребната удобност и топлина, со голем дрвен плакар, дрвени полици како замена за ноќни масички и дрвени рамки за слики.