Со комбинацијата на индустриски стил и шик винтиџ допири во уредувањето, розовите нијанси кои му даваат кокетен шарм и сјај на ентериерот, како и пријатната тераса со базен која мами воздишки надвор, овој прекрасно уреден дом има со многу што да се пофали и инспирира. На само 5 минути од Барселона, во стара шпанска градба со високи тавани, сместено е ова толку поинакво и посебно катче, комплетно реконструирано во соработка со локален архитект, и адаптирано да одговори на потребите на неговите сопственици – млада двојка со две деца. Висината е искористена за креирање на второ ниво, на кое во комотни услови сместена е спалната соба на родителите, а ослободен е просторот долу, во кој на рационален и убав начин се интегрирани дневната соба, трпезаријата, кујната, бањата и детското катче. Во ентериерот преовладува играта на старото и новото, преку микс на модерен мебел со винтиџ детали, а со доминација на розовата нитка која се провлекува во секој амбиент, во различни тонови. Од изразито интензивна нијанса во дневната, до суптилна нота во спалната, розовата боја му дава посебна убавина на секој простор, како акцент кој совршено се вклопува меѓу ретро белите ѕидови од цигла и елементите со модернистички дизајн. Изразените контрасти со балансирана естетика креираат извонреден визуелен ефект. Ретро декорот, пак, внесува носталгична атмосфера, евоцирајќи на старите индустриски населби во околината, со мноштвото детали сочинети од реставрирани антиквитети и интригантни винтиџ украси.