Умереноста при изборот на бои, како и внимателноста кога се материјалите и деталите во прашање, се покажале како совршен концепт при уредувањето на оваа прекрасна летна куќа за младо норвешко семејство. Деликатниот спој на белата боја, земјените тонови и пастелните нијанси, во тандем со префинетоста на декоративните финеси му дава на ентериерот блескав и елегантен, а истовремено нежен и лежерен изглед. Куќата е реновирана градба од шеесетите, која не само што воодушевува со убавиот дизајн, туку и максимално функционално одговара на потребите за престој на двојка со три деца. Топлата семејна атмосфера е нагласена во секое катче, а внатрешноста на куќата е полна со романтични украси, архаичен мебел, дрвени допири со рустична нота, но и цветни детали кои умешно внесуваат свежина во секој простор. Се’ е смирено, опуштено и со релаксиран амбиент, а сепак толку раскошно и богато, гарантирајќи хармонија и задоволство во одморот на сончевата Марбеља. Дневниот престој располага со две позиции за седење – една крај каминот и една до прозорецот, издвоени меѓу себе со позицијата на трпезаријата. Омиленото катче на кое најмногу му се радува семејството, а особено децата, е кујната, па затоа не изненадува поставената гарнитура за седење и во кујната, под драматичниот дрвен прозорец од кој продира изобилство на природна светлина. Спалните соби се единствените кои отскокнуваат со палетата бои, каде прекривките и деталите со колоритни акценти не само што oдлично се вклопуваат, туку и му даваат динамика и игривост на просторот. Животот надвор е нешто што Норвежаните исклучително го почитуваат, па затоа со особено внимание е уредена и живописната градина со базен, на која подеднакво децата и родителите уживаат во текот на целиот ден. Летна куќа од мечтите, зар не?
Летна куќа за одмор
Пријатни бои и амбиент за незаборавни летни мигови.