Мала дрвена куќичка од само 80 метри квадратни е се’ што му е потребно на семејство со дури девет членови среќно да ги минува летните денови, во пријатен амбиент и весела атмосфера. Страста кон Бразил и забавата која им ја нуди оваа топла земја, била повод за американскиот дизајнерски пар Bob и Cortney Novogratz да си создадат мало катче за уживање за себе и нивните седум деца. Летната куќа е сместена во тропското место Trancoso, и слободата која ја имаат тука целосно се разликува од животот во урбаниот Менхетен. Нивните деца одат боси, се капат во топлото море и трчаат низ егзотичните патеки, додека тие се релаксираат и забавуваат во слободното време, сами или со нивните гости. Куќата е дрвена конструкција, инспирирана од традиционалните рибарски куќички, а во нејзината реализиција учествувал локален тандем архитекти. Уредена е рустично и романтично, со дрвен мебел и бели ткаенини, бамбус, нежни меки материјали и суптилни декорации, кои овозможуваат максимален комфор на престојот. Со неколку инспиративни решенија и рационално искористување на малата површина, обезбедена е комплетна функционалност, во која најубавиот украс се дефинитивно насмевките и радосниот џагор на нивните деца.
Семејна дрвена куќичка
Катче каде царуваат насмевките, детскиот џагор и позитивната енергија.