Во чудесната Тоскана, секогаш инспиративна и привлечна со раскошната убавина и идиличните пејзажи како од разгледница, една несекојдневно убава вила го краде вниманието. ,,Campo dell‘Amato” се наоѓа на одлична локација и целосно ја доловува магијата на живописниот италијански регион, со прекрасни глетки кои никого не го оставаат рамнодушен. Вилата е автентична стара градба, со голем разеленет и расцутен двор, со пријатни катчиња за оддишка и уживање во релаксирачките звуци и природните убавини на Тоскана. Внатре, пак, прегрнува топол, нежен и романтичен амбиент, со ентериер во традиционален тоскански стил, уреден со мноштво рустикални мотиви и дрвени допири. Со комбинација на топли нијанси на црвена боја и неутрални тонови, суптилни материјали, луксузен мебел и детали кои креираат бајковита атмосфера, низ целата вила е се испреплетуваат минатото и сегашноста на древната италијанска провинција, особено во старинската кујна која е срце на вилата. А, кога на сето тоа ќе се додаде пространиот базен во градината, опколен со миризливи рози и лаванди, јасно е дека секој миг поминат во овој идиличен рај е вистинско уживање.
Идилична вила во Тоскана
Секој миг поминат во овој живописен рај е вистинско уживање.